RSS
Психа на Facebook
   

АНКЕТИ

Дали некогаш во животот сте имале парапсихолошко искуство?
 
 
Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com

СЛУЧАЕН ИЗБОР

Слика
ХИЕНИТЕ НЕ СЕ СМЕАТ
Понеделник, 13 Декември 2010
Слика
МОЗОК ЗА ДРУЖЕЉУБИВОСТ
Четврток, 17 Март 2011
Слика
НАМИРИСАЈТЕ ГО ПАТОТ ДО СРЕЌАТА
Понеделник, 08 Ноември 2010
Слика
ПСИХОЛОГИЈА НА ЧЕКАЊЕТО
Понеделник, 22 Октомври 2012
Слика
МОЗОКОТ РИТМИЧНО СОЗДАВА СПОМЕНИ
Понеделник, 10 Октомври 2011
Слика
ЉУБОВ ЗА 8 СЕКУНДИ
Вторник, 18 Јануари 2011
Слика
СИТЕ СМЕ ПАРАНОИЦИ
Среда, 08 Декември 2010
Слика
УЧИТЕЛКА РОБОТ
Среда, 19 Јануари 2011
Слика
НЕ СТОЈ ТОЛКУ БЛИСКУ
Четврток, 30 Декември 2010

„Цивилизацијата започна кога за прв пат некој гневен човек фрли збор наместо камен“

Зигмунд Фројд



ПСИХОЛОГИЈА НА ТРОШЕЊЕТО И ШТЕДЕЊЕТО PDF Печати Е-пошта
(3 гласови, просечно 5.00 од можни 5)
прочитано 8733 пати
Понеделник, 28 Октомври 2013 13:15

Дали навиките во штедењето и трошењето се програмирани во нашиот мозок?

кавга за банкнота 

Сигурно барем еднаш сте се запрашале себеси зошто односот што го имате кон парите е таков каков што е или пак истото прашање ве заинтересирало за некоја друга личност. Ако спаѓате во групата на истакнати штедачи веројатно чувствувате задоволство секојпат кога ќе ви порасне контото во банката, а чувствувате незадоволство секогаш кога треба да купите нешто, особено ако сумата е позначителна. Ако сте пак од спротивната страна и спаѓате во трошаџиите, можеби дури сте и компулсивен купувач, веројатно имате став дека во животот треба да се ужива, а не многу да се мисли за тоа што ќе биде утре и дали ќе успеете да врзете крај со крај, па целосно им се препуштате на шопинг импулсите.

 трошаџика

Повеќето луѓе се со верување дека навиките во справувањето со парите ги добиваме од оние што не воспитуваат, односно најмногу од родителите, но истражувањата покажале дека нашите навики не се базираат само на тоа како сме биле научени да се однесуваме кон парите додека сме биле деца. Всушност, и реалноста го демонстрира тоа, постојат штедачи и трошаџии и во рамките на исто семејство, а да не зборуваме за пошироката фамилија. Има луѓе кои се родиле во сиромашни семејства а потоа стигнале до големи богатства заради својот однос кон парите и богати наследници кои буквално го „спискале“ целото богатство што им било оставено од нивното семејство.

Но, сега се поставува друго прашање, ако не е начинот на кој сме биле воспитувани како деца она што е од пресудно значење за нашиот став кон парите, тогаш што е она кое е клучно за нашиот став кон нив?

бебе и касичка 

Експертите, по направените истражувања, сметаат дека биохемиските случувања во мозокот имаат најбитна улога во создавањето на нашите финансиски навики. За да утврдат што се случува кога мозокот е вклучен во носење на финансиски одлуки истражувачите ја набљудувале активноста на мозокот, а особено на една област што се нарекува инсула и која се активира кога доживуваме нешто непријатно. Колку повеќе се стимулира инсулата, толку помала е веројатноста дека ќе продолжите да го правите она што сте го правеле дотогаш. Кога се работи за пари, стимулацијата на инсулата може да ве спречи да ги трошите.

Од друга страна пак, чинот на штедење, или преку зголеменото салдо во банката или преку обезбедување на добра зделка за некој производ или услуга, на штедачите им дава големо задоволство. Тие како победа ја чувствуваат таа добра зделка и ги преплавува едно убаво чувство кое се засилува со помислата дека ја избегнале нелагодноста која ја чувствуваат секогаш кога мора да потрошат нешто. Па така, ценкањето за нив е „повеќе од игра“.

инсула 

Ако одите во ресторан и сакате да нарачате јадење кое вообичаено чини 1000 денари, но го добиете за само 100 денари, тоа јадење ќе ви биде многу повкусно со оглед на тоа што сте ја избегнале горчината на цената. Од друга страна пак, ако во истиот ресторан го јадете истото јадење но не знаете колку чини, нема да уживате толку многу. Она што на штедачите им дава огромно задоволство е сознанието за тоа колку многу заштедиле.

Од набљудувањата на активноста на инсулата и трошачките навики на испитаниците, истражувачите дошле до заклучок дека кај луѓето со поголема активност на инсулата се појавува значително зголемена склоност кон штедењето и обратно, кај оние со помала активност се забележува поголема склоност кон расипништво. Зборувајќи за овие два екстреми, проекцијата за трошаџиите е дека е голема веројатноста дека во животот лесно ќе дојдат во ситуација да влезат во финансиски потешкотии, додека пак штедачите ќе се најдат себеси во ситуација да жалат за голем број нешта. Знаејќи на која група и припаѓате, имате можност да си помогнете себеси преку создавање услови за некаква поздрава рамнотежа при справувањето со финансиските средства. Самата свесност за тоа е добар почеток.

девојка со касичка 

Да ги разгледаме подетално карактеристиките на двата типа.

Трошаџии

Во еден експеримент направен поодамна, во шеесеттите, истражувачите од Универзитетот Стенфорд, на деца од школска возраст им нуделе колачиња при што им рекле дека ако одберат едно и го изедат веднаш, нема да добијат и друго, но ако почекаат неколку минути пред да го изедат ќе им биде дадено и друго колаче. Односно, доколку успеат да ја одложат гратификацијата за релативно кратко време, ќе ја дуплираат добивката. Истражувачите на Стенфорд сериозно му се посветиле на овој експеримент, па ги следеле децата и до возрасно доба при што утврдиле дека оние деца кои успевале да ја одложат гратификацијата во експериментот, подоцна во животот имале поголем успех во однос на парите за разлика од децата кои сакале инстант гратификација, односно колаче сега и веднаш.

девојче и колаче 

Ако сте трошаџија, вие спаѓате во оние кои не можат да ја одложат гратификацијата. Слично како децата, доколку пред вас стои кеш, нема да можете да се воздржите премногу пред да го потрошите дури и кога постои можност подоцна да добиете двојно повеќе доколку се исконтролирате. Ако сте овој тип, тогаш веројатно немате многу голема заштеда во банка, но рака на срце и не сте премногу загрижени за таа работа. Вам ви причинувало задоволство да купувате разноразни производи и услуги и сте уживале во моментите кога сте го правеле тоа. Било убаво додека траело па со тоа и ви се засилила навиката. Но, ако сте забележале дека се движите кон поекстремно трошење и имате некое чувство во позадина дека сте изгубиле контрола врз ситуацијата, тогаш сигурно имате и потреба да се справите со ваквите навики. Ако е тоа случај, еве што може да направите за да си помогнете при контрола на вашите расипнички навики:

трошаџии 

  1. Не употребувајте кредитни картички или слични кредитни линии. Кога користите кеш, принудени сте да размислувате и пресметувате колку точно трошите.
  2. Секогаш сами вадете ги парите од банка, така ќе имате јасна претстава кое е вашето салдо во даден момент.
  3. Плаќајте веднаш и на лице место. Нека не ви држат сметка на запишување во омилениот ресторан, кафетерија или маркет. Исто така, не плаќајте однапред во ситуации кога не морате, така ќе имате подобар преглед врз вашата актуелна финансиска ситуација.
  4. Гласно говорете за вашите штедачки цели. Ако им кажете на вашите блиски колку сакате да заштедите и до кој датум, тие вредно ќе ве потсетат на кажаното.
  5. Наградете се себеси кога ќе ги постигнете вашите цели во штедењето, но тоа не значи трошење на целата сума што сте успеале да ја „спасите“. Наградувањето е битно за да не си предизвикате некакво чувство на аверзија кон самата активност на штедење.
  6. Запрете се и прашајте се себеси пред секое купување дали навистина ви треба тоа што сте наумиле да го купите или само ви се допаднала идејата да го купите и поседувате тој производ.
  7. Одвојте си време да се соочите со иднината без оглед колку тоа да ви е нелагодно. Запрашајте се себеси и пресметувајте колку пари ќе ви требаат понатаму во животот, колку кога ќе се пензионирате или како и колку пари ќе ви требаат за да ги обезбедите децата и пред се нивното школување.

баба што проси 

Штедачи

Во еден друг исто така во психологијата познат експеримент, на возрасни луѓе им била дадена можност да одберат да добијат веднаш 50 долари или да чекаат една година кога би добиле двојно повеќе, односно 100 долари. Истражувачите пред да го направат експериментот биле убедени дека повеќето луѓе ќе ја одберат втората варијанта, но се изненадиле кога увиделе дека главнината речиси без поголемо размислување сакала да ги земе веднаш оние 50 долари кои им биле понудени. Да ја тргнеме настрана довербата во истражувачите која можеби некои од испитаниците ја немале дека ќе ги добијат парите по една година, бројките биле и повеќе од убедливи. Инстант гратификацијата била многу попримамлива од дуплирањето на добивката. Штедачите се меѓу ретките кои би ја жртвувале инстант гратификацијата за да си ја осигураат двојната добивка.

зграпчени пари 

Овие луѓе се способни да живеат без многу нешта за кои повеќето сметаат дека се основна потреба, како на пример потопла јакна или мобилен телефон без излижани копчиња. Но, за нив салдото во банката е она кое им причинува најголемо задоволство, многу поголемо од било што кое би можеле да си го купат. Додека многумина мака мачат да врзат крај со крај и да го истуркаат месецот, овие луѓе дури и со просечна плата успеваат да дојдат до неверојатни заштеди.

Карактеристично е за повеќето луѓе да чувствуваат задоволство кога ќе си купат нешто, но не и штедачите. Наместо тоа, тие се чувствуваат многу неугодно кога ќе треба да одат во шопинг (или поточно кога речиси ќе мораат), па ако им правите друштво во тој „зол час“ за нив, ќе можете да ја почувствувате нивната силната емоционална болка пред касата кога им наплаќаат. Но, кој е тој толку силен порив кој ги тера штедачите да одат понекогаш во екстреми загрозувајќи си го неретко и здравјето само за да заштедат плус уште некој денар? Што им причинува толку големо задоволство што се подготвени да се откажуваат и од обичните и не многу скапи задоволства што ги нуди животот?

 среќна штедачка

Експертите за оваа проблематика сметаат дека два примарни мотиватори ги придвижуваат штедачите: болката и задоволството. Ако вие спаѓате во оваа група на штедачи, а чувствувате дека немате доволно задоволство во животот, можеби е време малку да го „опуштите“ паричникот и да си дозволите од него да капне некој денар повеќе. Еве неколку практични совети:

  1. Кога ќе дојде време да потрошите некој денар за нешто кое ви причинува задоволство, како одмор на пример, дистанцирајте се себеси од кеш плаќањето со тоа што ќе ја употребите кредитната картичка. Сигурно веќе се сте испланирале од финансиски аспект, колку сето тоа ќе чини, колкав ќе ви биде буџетот итн., така што едноставно не мислете повеќе на тоа и опуштете се.
  2. Гласно проговорете за вашите потрошувачки цели. Кажете им на вашите блиски што и кога планирате да го купите, па макар тоа и да е некоја здодевна потребштина која не може да се избегне и обидете се колку толку да уживате во тоа.
  3. Кога купувате нешто третирајте го тоа како награда за вредното штедење што дотогаш сте го направиле. На тој начин купувањето ќе добие на вредност во вашиот ментален концепт во однос на парите.
  4. Размислете за иднината, дали навистина сакате подоцна да жалите за голем број нешта кои сте можеле да си ги приуштите или направите само ако сте си дозволеле да потрошите некој денар повеќе?

тажен штедач 

Расипниците и стиснатите луѓе се два екстреми на скалата на односот кон парите, но и да не припаѓаме во едната од овие крајности сигурно познаваме луѓе кои може да ги сместиме таму. Тие се реална појава. Во крајна линија сепак ние самите решаваме за нашиот однос кон парите и се што ни треба за да оствариме некаков баланс по ова прашање е подеднакво присуство на дисциплина и способност за опуштање. Доколку претерате во било која насока, применете некој од погорните совети за да се вратите на вистинскиот пат. Можеби вашата инсула е премногу или премалку активна, но за да воспоставите рамнотежа потребна ви е само поголема волја и свест за вашиот однос кон парите. Се вели дека тие го вртат светот, но не дозволувајте да ви ја поматат свеста во било која насока.

мозок со набор долар 

Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com
  
Psihagon Ltd.

Copyright © 2010-2014 Psihagon Ltd. All rights reserved.